Повик за пријавување: Обука за визуелизација на податоци
Фондацијата Метаморфозис ги повикува сите заинтересирани новинари и претставници на граѓанскиот сектор да се пријават на претстојната обука за визуелизација на податоци. Учесниците ќе имаат можност да искусат напредна работа со отворени податоци, нивно преземање, анализа и визуелизација преку три бесплатни веб-алатки: Infogram, Quadrgram и Cartodb. Обуката ќе се одржи на 3 јуни, од 10 до 18 часот во ГЕМ клубот во Скопје. Сите учесници на обуката ќе можат да добијат бесплатни промо кодови за професионално користење на алатката Infrogram за 30 дена.
Обуката ќе се одржува на англиски јазик, а тренер ќе биде Игнаси Алкалде, член на Open Knowledge Foundation и активен член на School of Data мрежата. Игнаси предава на Универзитетот на Каталонија и е професор на пост-дипломските студии за интерактивни визуелизации на информации на УНИР Универзитетот.
Максималниот број на учесници е 20, а сите заинтересирани можат да се пријават со пополнување на следниот формулар. Агендата за настанот можете да ја видите на следниот линк.
Обуката ја организира Фондацијата Метаморфозис во соработка со Open Knowledge Foundation во рамки на проектот Мрежа на граѓански организации за отворени податоци, со поддршка од Британската амбасада во Скопје.
Целта на проектот е преку формирање на Школа за податоци – Македонија да ги поттикне граѓанските организации, медиумите и индивидуите кои поттикнуваат промени, да ги разберат и користат официјалните владини и другите отворени податоци со цел зголемување на одговорноста на владата, подобрување на испораката и услугите и зголемување на граѓанското учество во креирањето на политиките.
Leave a Reply