Четири нови веб-апликации со отворени податоци

February 25, 2016 in Блог, Македонски

web-app promo

Фондацијата Метаморфозис, заедно со четири партнерски граѓански организации во вторник, на 1 март, во десет часот наутро ќе промовира четири веб-апликации базирани на отворени податоци.  Пректите претставуваат систем за истражување на јавните набавки, веб апликација за известување за услугите на угостителските објекти во Македонија, податоци за директните плаќања во земјоделството преку ИПАРД и база на податоци од резултатите од набљудувањето на судството во Македонија во текот на една деценија.

Граѓанските организации кои ги изготвија веб-апликациите се ИКТ за промени, Коалицијата „Сите за правично судење“, ЗИП институт и ИРРЗА. Тие со своите идеи беа победници на Конкурсот за поддршка на проекти поврзани со отворени податоци, како дел од проектот „Мрежа на граѓански организации за отворени податоци“, кој го спроведува Метаморфозис, во партнерство со Open Knowledge, а со поддршка од Британската амбасада во Скопје.

На настанот воведно обраќање ќе одржи амбасадорот на Обединетото Кралство во Македонија, н.е. Чарлс Едмунд Герет.

На конкурсот се јавија дванаесет граѓански организации со исто толку проектни идеи, а беа одбрани за финансиска поддршка четири: ИКТ за промени, Коалицијата „Сите за правично судење“, ЗИП институт и ИРРЗА.

ИКТ за промени од Тетово изработи веб-апликација наречена OpenProcurement или „Систем за истражување на јавните набавки во РМ“. Тие ги собираат податоците од електронскиот систем за јавни набавки, кои се јавно достапни, ги организираат и презентираат на начин кој е корисен за новинарите во Македонија, но и за сите заинтересирани кои ги следат јавните набавки.

Институтот за развој на рурален развој (ИРРЗА) од Скопје, работи на проектната идеја за Реален развој на руралните средини и земјоделството. Тие собираат податоци од Националната програма за ИПАРД проектите во Македонија, ги анализираат и презентираат на начин кој е лесно разбирлив за публиката.

ЗИП Институт од Скопје креира веб-апликација на речена „Rate.me – Систем за известување за услугите на угостителските објекти“, чија целта е да ги собере позитивните и негативните практики од угостителските објекти во Македонија каде се служат храна и пијалоци. Собираат податоци за издадени дозволи за угостителски објекти, категориите на кои тие им припаѓаат како на пример, ноќни клубови, барови, диско клубови, а воедно сакаат да ги вклучат и податоците за изречените казни за угостителските објекти и за инцидентите кои се случиле на овие места вклучувајќи ги и повредите на законските норми.

Коалицијата на здруженија на граѓани – „Сите за правично судење“ изработи проект базиран на отворени податоци за транспарентно судство. Тие ја дигитализираат и отвараат нивната веќе постоечка база на податоци од деценискиот мониторинг на судството во Македонија.

Flattr this!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *